Учениците на ООУ „Аврам Писевски“ ја отворија програмата со песни за пчелите. Дел од нив ги рецитираа на словенечки јазик, а танцуваа и во ритамот на пчелното зуење.
Активностите ги опфатија придобивките од здравиот појадок, значењето на медот и пчелните производи и потребата од заштита на пчелите. Дел од темите беше и важноста на домашното производство.
На работилниците со студентите биолози, учениците работеа во четири групи. Под микроскоп набљудуваа ситни организми, правеа свеќи и семенски бомби за пролетни цвеќиња. Ги нацртаа и своите идеи за хотели за инсекти, а словенечката амбасада му подари на училиштето еден таков хотел како наставно помагало.
Настанот го организираше Амбасадата на Република Словенија во Скопје, во соработка со Истражувачкото друштво на студенти биолози и ООУ „Аврам Писевски“. На одбележувањето присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски.
Лукровски рече дека Општина Карпош ги поддржува ваквите едукативни иницијативи, оценувајќи дека тие кај децата развиваат здрави навики, еколошка свест и почит кон природата. Тој ја нагласи и важноста на пчеларството за зачувување на биолошката разновидност и одржување на природната рамнотежа.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.