Служителите на секој час проверувале да не згасне огнот во ќумбињата, се присетија гостинките. Им раскажаа на децата за своите учители, за хорот и училишните секции, а клавирот го паметат како симбол на училишниот хол. Зборуваа и за правилата за облекување, за униформите што ги носеле и за чувството на еднаквост од тоа време.
Во нивните спомени свое место имаше и „Ванила“, која тогаш била дел од училиштето и каде што учениците можеле да купат крофни. За животот надвор од училишните ходници, бабите им раскажаа на децата за возот, корзото и старото кино во Ѓорче Петров.
На работилницата „Бабите и традицијата“, покрај приказните, имаше и трпеза со кифлички, перничиња, бакардан, тикварник и гравче-тавче. Дел од јадењата ги подготвиле самите баби, а други биле направени по нивни рецепти.
Одделенската наставничка Александра Ѓорѓиоска најави дека ќе ја повторат средбата. Секоја баба што придонесе за работилницата доби диплома за „Супер бабичка“.







Коментари (0)
Коментарите за оваа објава се затворени.